27/04/2024
Македонија

Продолжуваат активностите за „Неделата на НАТО“

Ученици од неколку средни училишта во Македонија од 04 април, Денот на НАТО, па сè до крајот на оваа недела во Воениот музеј организирано ја посетуваат музејската изложба „Република Македонија на патот кон НАТО“.

Изложбата се организира во рамки на НАТО неделата, а по повод 25 години од донесувањето на Одлуката на Собранието на Република Македонија за зачленување во Северно-атлантската организација и е организирана од страна на Министерството за одбрана во соработка со Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.

Учениците при посетата на изложбата можат да се запознаат со НАТО-Алијансата како најголема светска одбранбена организација, со клучните настани за Република Македонија во изминативе 25 години на патот кон НАТО, како и со активностите кои ги има Армијата на Република Македонија во однос на заедничката безбедносна одбрана односно придонесот во мировните мисии.

За време на досегашните посети, средношколците од трета и четврта година преку активен дијалог со претставниците на АРМ и со одбранбените аташеи на земјите членки на НАТО во Република Македонија од Романија, Франција, Италија, САД и Турција имаат можност да дознаат кој е бенефитот од членство во оваа организација, кои се целите, како може да се стане членка, со какви безбедносни предизвици се соочува оваа одбранбена организација од нејзиното формирање до денес, како да се стане дел од Армијата на Република Македонија, можностите за студирање на Воената академија и сл.

На музејската поставка се поставени фототипно издание од Вашингтонскиот договор од 04 Април 1949 година, Денот на создавањето на НАТО алијансата, факсимили од клучните стратешки документи, протоколарни документи на Владата на Република Македонија за пристапување на Македонија во Партнерството за мир, факсимили од „Указот на Претседателот на РМ за прогласување на закон за ратификација на Договорот меѓу државите-страни во Северноатлантскиот договор и другите држави учеснички во Партнерството за мир за статусот на нивните сили“ од 1996 година, првата Бела книга на одбраната од 1998 година, разни експонати од Канцеларија за врски на НАТО во Скопје, Евроатлантски совет на Македонија и МО на РМ, бројни плакети, значки, шеврони, публикации, фотографии од НАТО активности и од активности на АРМ во мировни мисии.