28/04/2024
Охрид

Средното стручно, угостителско-туристичко училиште од Охрид, рамо до рамо, со најдобрите од Ј.И. Европа

Македонската туристичка метропола, градот Охрид, наскоро, преку Региониот центар за средно стручно образование и обука “Ванчо Питошески”, ќе влезе во друштвото на најдобрите од земјите на поранешната југословенска федерација, но и Ј.И. Европа, кога е во прашање средното стручно образование на кадри во туризмот и угостителството.

Имено, со разбирањето и помошта на Владата на Република Северна Македонија, преку ресорното министерство (МОН), Региониот центар за средно стручно образование “Ванчо Питошески”, во кој се образуваат кадри од југо-западниот регион на земјата, но и од Албанија, главно, од регионите со етничко македонско население, преминува во современ сместувачко – образовен капацитет со завидни димензии и капацитети.

Центарот, добива, практично, хотелски комплекс од 12о легла во трикреветни соби, во кои, во текот на училишната сезона, ќе бидат сместени дел од учениците, нешто над 230, додека преку лето, ќе може да се примаат и гости, опслужувани од самите ученици и вработените, со што ќе ја обавуваат и практичната настава.

Комплексот распога, уште, и со ресторан од 200 седишта, Кабинет за готварство, Работилница за готварство, посебни кабинети за послужување, со функција и на конференциска сала, како и сала за презентација.

Во функција ќе биде и новиот Кабинет за хотелско и туристичко работење, заедно со десетината современо уредени училници.

Истовремено, Центарот, ќе ги задоволува и потребите за активно спортување, со игралишта за кошарка , ракомет и мал фудбал, како и посебното надворешно фитнес – катче за рекреација.

Моментно, се вршат последните работи на надворешниот простор, кој ќе изобилува со цветни алеи и тревнати површини, простран осветлен паркинг простор и други содржини.

Некогаш, охридските угостителско – туристички работници се образоваа во центрите на хрватското приморје, како Опатија, Дубровник, Сплит и Риека. Сега, охридскиот и македонски Региониот центар за средно стручно образование “Ванчо Питошески”, е на нивн о рамниште и во нивно друштво.

Овие денови, професори од Центарот учествуваа на Третата Меѓународна Конференција на здружението на ученички и студентски домови на југоисточна Европа, додека претходно, тие беа домаќини на единаесеттиот. по ред, Мегународен натпревар на ученици од угостителски и туристички училишта (GATUS – 2023), од земјите настанати од поранешната југословенска федерација.

Тоа се вкупно 13 училишта од местата: Марибор, Ново Место и Радовљица (Словенија), Опатија, Осиек и Сплит (Хрватска), Бања Лука и Предор (Босна и Херцеговина – Република Серпска), Белград, Смедерево и Лесковац (Србија), Бар и Херцег Нови (Црна Гора) и Охрид (Република Северна Македонија).

Се натпреваруваа околу 200 учесници од 15 училишта, во хотелот “Метропол – Белви”, на брегот на Охридското Езеро, каде беа и сместени, во дисциплините: готвачи (риба и десерт), келнери, и туристички аранжмани, со посебен нагласок на планинскиот, рурален туризам.

Домаќините, на своите колеги и соученици, им подготвија изненадување со организиран разглед на најзначајните споменици на историјата и културата во старото градски јадро, манастирскиот комплекс “Свети Наум” и локалитетот- наколно живеалиште “Залив на коските”.

На најдобрите и највештите учесници – ученици и ментори, им беа доделени златнии сребрени признанија, додека учениците од Охрид освоија 2 златни и 1 сребрен медал.


WebOhrid / 28.02.2024 / Веле Митаноски